Јунајтед Груп се обидува да го ублажи скандалот, среќа новинарите имаат очи и на грбот

11

Прво се дозна дека по наредба на претседателот Александар Вучиќ, директори на две конкурентни компании договарале смена на Александра Суботиќ. Следуваа низа деманти. Еден од главните актери, Владимир Лучиќ, тврдеше дека информациите што ги објавија истражувачките медиуми не се точни. Сепак, директорот на српски „Телеком“ призна дека имал средби и разговори со конкурентот Стејн Милер, но, како што рече, не за смена на директорката на „Јунајтед Медиа“.

„Воопшто не сме зборувале за уредувачката политика на каналите. Секој што ме познава, а тие ме познаваат добро затоа што шест месеци преговаравме, знае дека никој не може да ми каже што да пренесам на состанок“, изјави Лучиќ.

Но, новинарите објавија доказ – снимка на која Милер вели:
„Не можам денеска да ја отпуштам Александра, како што разговаравме. Морам таа компанија да ја намалам во Србија, ако разбираш што сакам да кажам, и да ја изолирам. Потребно ми е време за тоа, но тоа е договорот. Банките мораат брзо да реагираат. Знам дека те побарал претседателот и дека е вознемирен. Разбирам. Но морам да најдам начин да завршам сè што побрзо. Не знам што Никос ти ветил, но ќе направам сè за да ти помогнам, Владо.“

И од „Телеком“ и од „Јунајтед Груп“ се обидоа да го релативизираат откритието на КРИК, но на прилично несмасен начин.

„Ние рековме – добро, само дајте ни го оригиналниот снимок за да направиме проверка и потврда на автентичноста. Не сакаа да го достават и затоа ќе поднесеме тужба за надомест на штета и ќе бараме судски да се утврди дали снимката е веродостојна“, рече Лучиќ за РТС.

Од другата страна, Милер остана на ставот дека снимката е непотполна и дека немало никакви притисоци за смена на Суботиќ.

„Од нивното соопштение произлегува дека некој вадел реченици од контекст, иако е тешко такви изјави да се извадат од контекст. Исто така, нејасно е кога вели дека прво мора да се ослабат медиумите во Србија – не ми е јасно како тоа би можел да биде интерес на било која компанија“, изјави уредничката на порталот Nova.rs, Наташа Латковиќ.

Иако Лучиќ продолжи да негира, всушност несвесно потврди дека разговорите со Милер навистина се однесувале на смената на Суботиќ.

„Потврдувам дека сум зборувал со Милер. Потврдувам дека сум се сретнал со него. Потврдувам дека сум разговарал за Александра Суботиќ. Јас навистина мислам дека таа не треба да биде дел од ’Телеком‘, ниту како соработник, ниту како вработен, бидејќи извлекувала пари. Имаме еден пример, но кој знае што сè била подготвена да направи“, изјави тој за „Информер“.

Според Латковиќ, токму ваквите снимки ја вознемириле јавноста и вработените во медиумите на „Јунајтед Груп“ во Србија.

„Во суштина, зад грбот на сите нас се воделе разговори со конкуренцијата за смени во рамки на ’Јунајтед Медиа‘“, вели таа.

Среќа што новинарите, како што забележува, „имаат очи и на грб“.

Makedonski