Данска го отповика американскиот вд амбасадор поради „операции за влијание“ во Гренланд
Данската влада го отповика американскиот вршител на должноста амбасадор во Копенхаген, откако разузнавачките служби откриле дека најмалку тројца американски државјани спроведувале „операции за влијание“ во Гренланд со цел да ја оддалечат територијата од Данска и да ја приближат кон САД, објави данската радио-телевизија ДР.
Според наводите, тројцата лица биле блиски со поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Разузнавачите тврдат дека ги знаат нивните идентитети, но засега одлучиле да не ги обелоденат за да ги заштитат своите извори. Не е познато дали дејствувале по директна наредба од Белата куќа или самостојно.
Министерот за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека „секој обид за мешање во внатрешните работи на Кралството е неприфатлив“ и најави средба со американскиот дипломат за да го изрази незадоволството.
Според ДР, еден од осомничените мажи лично го посетил Гренланд, присуствувал на состаноци и составувал список на потенцијални сојузници и противници на плановите на Трамп за „преземање“ на територијата. Тој дури ги повикувал локалните жители да пријавуваат случаи што би можеле да ја прикажат Данска во негативно светло во американските медиуми. Другите двајца, пак, работеле на создавање мрежа со политичари, бизнисмени и лидери на заедницата.
„Неприфатливо е што се обиделе да се инфилтрираат во гренландското општество на таков начин. На Гренланд е сам да одлучи каква иднина сака“, изјави пратеничката Аја Хемниц.
Лидерот на Радикалната партија, Мартин Лидегард, оцени дека станува збор за сериозен и непријатен скандал:
„Особено ако се покаже дека тие дејствувале според официјална наредба. Тоа значи дека не можеме целосно да ѝ веруваме на американската администрација. Ова е сериозен удар врз односите меѓу САД и Данска, но и меѓу Гренланд и САД“.