После дузина неуспешни конститутивни седници, Димал Баша избран за претседател на Собранието на Косово
Седум месеци по парламентарните избори и по бројни неуспешни обиди, косовското Собрание конечно доби претседател. Со 73 гласа „за“, пратеникот од движењето Самоопределување, Димал Баша, стана прв човек на законодавниот дом.
До неговиот избор не дојде лесно. Претходно, партијата на премиерот Албин Курти предложи повеќе министри од поранешниот владин состав – Албулена Хаџиу, Хекуран Мурати, Доника Грвала и Арберие Нагавци – но опозициските партии останаа цврсти дека нема да поддржат ниту еден од нив.
Баша успеа да обезбеди мнозинство благодарение на поддршката од дел од пратениците на Демократската партија на Косово, Алијансата за иднината на Косово и некои претставници на малцинствата. Демократската лига на Косово и Српската листа гласаа против.
Денеска се очекува да бидат избрани и потпретседателите на Собранието, со што ќе се заокружи процесот на негово конституирање и ќе се отвори патот за формирање на новата влада.
 
			