Ана Петановска со награда за најдобра интерпретација на „Далматинска шансона“ во Шибеник

8

Македонската поп-пејачка Ана Петановска ја освои наградата за најдобра интерпретација на фестивалот Далматинска шансона во Шибеник, Хрватска. Таа настапи со песната „Само љубав постоји“, чија музика е на Григор Копров, текст на Роберт Пилепиќ, а аранжман на нејзиниот брат Стефан Петановски.

„Ана имаше извонреден настап, доби долг аплауз и овации. Хрватските медиуми веднаш покажаа интерес за неа, а најважно е што доби и понуда за соработка од ‘Кроација рекордс‘ и уште една издавачка куќа“, изјави композиторот Копров.

Петановска вели дека настапот во Шибеник бил едно од нејзините најубави искуства. „Енергијата на сцената беше неверојатна, оркестарот фантастичен, а публиката одлична. Овој пат само се опуштивме и уживавме во тие три минути, без многу технички оптоварувања“, изјави пејачката.

Ова е втор нејзин голем фестивалски успех ова лето. Во јули, заедно со легендарниот хрватски рокер Дадо Топиќ, таа победи на фестивалот Бисер на Јадранот во Тиват, Црна Гора, со песната „Небо“. Автор на музиката е повторно Копров, текстот е на Топиќ, а аранжманот на Стефан Петановски.

Претходно, Петановска имаше успешен настап и на Сплитскиот фестивал со песната „Kad noć sretne dan“, создадена од истата авторска екипа.

Песната „Небо“, со која победи во Тиват, Ана ќе ја изведе и на фестивалот Охрид фест – Охридски трубадури на 30 август на сцената на „Долни Сарај“ во Охрид.

Makedonski