Нови правила за возила: Увозниците ќе заштедат 1,3 милиони евра годишно

3

Увозниците на возила во земјава ќе заштедат околу 1,3 милиони евра годишно со воведувањето на новите правила кои предвидуваат примена на европските стандарди за одобрување на тип на возило, единечно одобрување, идентификација и оценка на техничката состојба, како и издавање потврди за исполнетост на техничките барања, информира Министерството за енергетика.

Новите правила, содржани во Правилникот за возила, ќе почнат да се применуваат од 1 септември и ќе овозможат по 17 години целосна примена на Законот за возила.

Досега увозниците биле приморани да плаќаат на странски компании за TÜV-потврди за техничка исправност, но од сега постапката ќе се регулира преку домашните овластени застапници.

Што носат новите правила?

  • WVTA систем: возилата кои имаат европско одобрение за тип (Whole Vehicle Type Approval) ќе можат да се пласираат во Македонија без дополнителни тестирања.

  • Единечно одобрување: ќе важи само за возила без европско или македонско одобрение за тип, а постапката ќе ја врши Бирото за метрологија.

  • Потврди: застапниците ќе издаваат потврди за технички барања за возила со европско или национално одобрение за тип, по цена од 40–50 евра.

  • Побрзи рокови: Бирото за метрологија ќе работи со пократки и поефикасни процедури.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, изјави дека новиот систем ќе создаде партнерски однос со импортерите и ќе обезбеди доверба во процесот на усогласување со европските стандарди.

„Граѓаните треба да се чувствуваат заштитени и поддржани при секоја постапка за одобрување на возила“, рече Божиновска по средбата со повеќе од 40 овластени застапници и увозници.

На средбата присуствуваа и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, претставници на Бирото за метрологија и Царината, како и професорот Дарко Данев, кој ги презентираше измените во постапките за одобрување.

Makedonski