Гаши најави Декларација за фер избори – усвојувањето се очекува на 12 септември
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, најави дека на 12 септември се очекува усвојување на Декларација за фер и демократски избори, откако претходно политичките партии ќе стават потпис на документот.
Гаши нагласи дека донесувањето на ваквата Декларација во Собранието ќе испрати многу посилна порака и ќе ѝ даде поголема тежина, особено во контекст на сомнежите што ги изнесе премиерот Христијан Мицкоски за наводен таен план на ДУИ и СДСМ за изборите.
„Секогаш изборите кај нас се третираат како да се последни и како да е во прашање живот или смрт. Затоа е потребна една ваква Декларација, која ќе ја усвоиме во пленарна сала, наместо во ДИК, за да има посилна симболика“, изјави Гаши на брифинг со новинарите.
Во однос на Изборниот законик, тој посочи дека засега нема нова иницијатива за усвојување на измените. „Пред десетина дена имаше обид да се донесе на седница, но тоа не се случи. Сакавме барем да се покаже кој е за, а кој против“, додаде Гаши.
Запрашан за најавената реконструкција на Владата од страна на премиерот Мицкоски, претседателот на Собранието рече дека веднаш ќе свика седница штом биде поднесен предлог, но дека во овој момент нема информации кои министри би биле опфатени.