ФФМ и Брегалница со остри реакции по нападот на младински натпревар во Штип

3

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и ФК Брегалница остро реагираа на инцидентот кој денеска се случи на натпревар од младинската Суперлига во Штип, помеѓу екипите на Брегалница и Шкупи. Дел од родителите на гостинските играчи влегоа на теренот и физички нападнаа неколку фудбалери на домашниот тим.

Од ФФМ порачаа дека ваквите сцени се „целосно неприфатливи“, истакнувајќи дека насилството врз деца е апсолутно недозволиво и претставува грубо нарушување на спортскиот дух и фер-плеј принципите.

„Длабоко сме вознемирени од фактот што едно од децата доби сериозни повреди и скршеници. Тоа е нешто што никогаш не смее да се повтори. Ќе биде поведена дисциплинска постапка против ФК Шкупи и одговорните лица, а сторителите ќе се соочат со соодветни санкции. Нашата порака е јасна – со насилство нема компромис“, наведуваат од ФФМ.

Федерацијата најави дека во соработка со институциите ќе работи на дополнителни мерки за превенција, со цел гарантирање на безбедноста на младите спортисти и нормално одвивање на натпреварите.

И ФК Брегалница реагираше со силна осуда на нападот, повикувајќи на заедничка борба против насилството на спортските терени.

„Спортот мора да биде симбол на почит, култура и здрави навики. Недозволиво е родител да биде причина деца да завршат повредени. Вакви сцени не смеат да се повторат – теренот е место за фер натпревар и спортски дух“, стои во реакцијата на клубот, од каде што најавија барање за максимални санкции и институционална заштита на младите фудбалери.

Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека 43-годишен родител на играч на Шкупи физички нападнал двајца малолетни фудбалери на Брегалница за време на натпреварот на игралиштето „Бело Брдо“. Децата биле пренесени во Клиничката болница во Штип, а напаѓачот бил веднаш приведен од полицијата.

Makedonski