Филипче: Власта намерно отвора простор за изборни злоупотреби

10

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во изјава за телевизија Телма оцени дека власта свесно создава услови за изборни неправилности, бидејќи, според него, ВМРО-ДПМНЕ губи значителен број гласови.

„Сметам дека тоа е намерно. Анкетите и анализите покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ губи над 100 илјади, па дури и околу 120 илјади гласови. Во таква ситуација се посегнува по инструменти кои можат сериозно да го загрозат изборниот процес и демократијата“, изјави Филипче.

Тој ја коментираше и неодамнешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој и една година по доаѓањето на власт ги посочи СДСМ и ДУИ како главни виновници за состојбата во државата. Според Филипче, тоа е показател за „целосна неспособност и немање капацитет да се води држава“.

Филипче потсети дека и покрај одлуката на Уставниот суд за укинување на дел од Изборниот законик, власта до последен момент чекала да поднесе предлог-закон, и тоа откако изборите веќе биле распишани. Како дополнителен проблем го посочи фактот што владејачката коалиција не успеала да обезбеди поддршка од партнерите во ВЛЕН.

„За сето ова целосно одговорен е премиерот и коалицијата. За жал, се отвора можност за злоупотреби кои ќе им одат во корист, затоа што е очигледно дека губат голем број гласови“, рече лидерот на СДСМ.

Тој најави дека партијата ќе ги следи сите чекори на власта и ќе реагира на секоја злоупотреба што може да го наруши демократскиот изборен процес.

Македонски