ДИК го усвои упатството за бројот на советници во општините и Град Скопје како и регистарот на медиуми за локалните избори
Државната изборна комисија (ДИК) на вчерашната 130. седница го усвои упатството за бројот на советници во советите на општините и на Град Скопје. Од вкупно седум членови, присуствуваа шест, при што петмина гласаа „за“, а еден беше „против“.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, истакна дека одлуката е донесена согласно Изборниот законик и Деловникот, кои предвидуваат мнозинство од гласовите на присутните членови.
– На првата седница беше побарано гласање со консензус, но бидејќи не се постигна, спроведовме дополнителна постапка и добивме мислење од правната служба. Оттука, немаме законски услови за ново гласање со консензус, туку одлучуваме со мнозинство, објасни Кондарко, по излагањето на членот на ДИК, Дитмире Шеху, кој имаше спротивен став.
Според Изборниот законик, членот што не се согласува со одлуката има право да поднесе тужба до Управниот суд.
Во исто време беше и усвоен регистарот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми и интернет портали за локалните избори 2025.
Покрај конвенционалните радиодифузери и медиуми на овој циклус избори „во игра“ се и 246 интернет портали кои се ставаат на располагање за платено политичко рекламирање на октомвриските локални избори.