Општина Карпош: Нема 11.000 нерешени предмети за легализација, бројките се сосема поинакви
Општина Карпош ги демантира тврдењата на кандидатот за градоначалник, Сотир Лукровски, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, дека во општината има 11.000 нерешени предмети за легализација.
„Фактите говорат дека од 2011 до 2018 година се примени вкупно 12.688 барања, од кои решени се 9.385, а преостанати се 3.303 предмети. Најголем дел од нив се со нерешени имотно-правни и оставински постапки што се во судска процедура, за друг дел е побарана дополнителна документација, а мал број се во постапка на решавање“, велат од Општината.
Оттаму додаваат дека ваквите неточни информации се обид за манипулација на јавноста.
„За кандидатура на градоначалник основен услов е кандидатот да биде добро информиран и да не кажува лаги. Ако во кампања се кажуваат невистини, какво ли ќе биде функционирањето како градоначалник?“, порачаа од Општина Карпош.
Воедно, од таму апелираа до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да го едуцира својот кандидат и го повикаа да не ги вознемирува директорките на градинките и училиштата на територијата на општината.

 
			