Левица го кандидира Амар Мециновиќ за градоначалник на Скопје

2

Како што се очекуваше, Левица го потврди својот кандидат за градоначалник на Скопје – пратеникот Амар Мециновиќ. Одлуката ја соопшти претседателот на партијата, Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција.

Мециновиќ, кој важи за едно од најпрепознатливите лица на Левица и еден од најактивните пратеници во Собранието, потсети дека пред да стане пратеник бил и советник во Град Скопје. Тој истакна дека неговите клучни приоритети ќе бидат јавниот транспорт, чистотата во градот, Генералниот урбанистички план и борбата против загадувањето на воздухот.

„Левица сака да ги обедини сите кои се против ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Јавниот превоз ќе биде наш примарен приоритет. На нивна страна се парите и моќта, но за она што ние го нудиме тие немаат одговор. Ова е наша борба и наша приказна – за нашето Скопје“, изјави Мециновиќ.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, најави дека партијата годинава ќе настапи со рекорден број кандидати. „На минатите избори имавме осум кандидати за градоначалници, сега ќе одиме со над 20. Советничките листи од 38 ќе се зголемат на повеќе од 62. Ова е доказ дека Левица прераснува од мала во средно-голема политичка партија“, рече Апасиев.

Makedonski