ДУИ обвинува: ВРЕДИ отвори врата за српски капитал

2

Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагираше по повод најавата за влез на „Алта банка“ на македонскиот финансиски пазар, оценувајќи дека станува збор за политички проект на Белград и обид за зголемување на српското влијание во земјата.

„ВРЕДИ во својата изборна програма за 2024 година вети основање на Албанска банка со доминантен албански капитал, но наместо тоа, денес отвора врата за навлегување на таканаречениот ‘српски свет’ преку ‘Алта банка’“, се наведува во реакцијата на ДУИ.

Од партијата тврдат дека назначувањето на Маја Кадиевска Војновиќ за прв човек на банката е резултат на директно лобирање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кај српскиот претседател Александар Вучиќ. ДУИ предупредува дека влезот на оваа институција не е обична инвестиција, туку политички механизам за влијание, создавање економска зависност и ризик за евроатлантската ориентација на земјата.

„Професионалци од финансискиот сектор веќе укажаа на опасноста по угледот на државата пред ЕУ и меѓународните институции, но надлежните молчат“, додаваат од партијата, оценувајќи дека молкот на институциите претставува соучесништво.

ДУИ обвинува дека наместо ветената Албанска банка за поддршка на албанскиот капитал и регионалниот развој, ВРЕДИ и нивните партнери му овозможиле на Белград да стекне влијание врз банкарскиот сектор, што го нарекуваат „прашање на национална безбедност“.

Makedonski