ДИК без упатство за бројот на советници во советите на општините и Градот Скопје
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница не го усвои упатството за пополнување на образецот за кандидатски листи за членови на советите на општините и на Градот Скопје, откако членката Дитмире Шеху побара одлуката да се донесе едногласно, повикувајќи се на Изборниот законик. Таа укажа дека кога станува збор за прашања што ги засегаат немнозинските заедници, одлуките мора да се носат со консензус.
Шеху оцени дека упатството не може да се темели врз одлука на Владата со која се намалува бројот на советници врз основа на пописни податоци, туку бројот треба да се утврдува според Законот за локална самоуправа. Поради ова, таа побара мислење од правната служба на ДИК, која ќе треба да се произнесе во законски утврдениот рок.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, потсети дека вакво упатство било донесено и за локалните избори во 2021 година, врз основа на владина одлука од 2004 година. И покрај тоа, тој го стави упатството на гласање, при што пет членови беа „за“, а двајца „против“. Со оглед на тоа дека не беше постигнат консензус, упатството не беше усвоено.
Кондарко додаде дека, согласно процедурата, ДИК ќе се наврати на оваа точка откако правната служба ќе даде писмено мислење.
На денешната 130. седница, Комисијата донесе и други одлуки поврзани со претстојните локални избори, меѓу кои и упатство за набљудување на изборната постапка.