Судот на БиХ ја одби жалбата на Додик – останува без мандат, следат предвремени избори во РС
Судот на Босна и Херцеговина ја отфрли жалбата на Милорад Додик против одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот претседател на Република Српска. Со ова, одлуката на ЦИК стана правосилна, а Додик официјално остана без функцијата.
Од ЦИК појаснија дека Апелацискиот совет на Судот на БиХ констатирал дека нема законска основа за жалбата, бидејќи Изборниот закон предвидува автоматско губење на мандатот за секој функционер кој добил затворска казна подолга од шест месеци.
Додик во јули беше осуден на една година затвор за неспроведување на одлуките на високиот претставник. Поради тоа, ЦИК му го одзеде мандатот добиен на изборите во 2022 година, а сега се исполнети условите за распишување предвремени избори, кои треба да се одржат во рок од 90 дена.
И покрај тоа, Додик изјави дека нема намера да се повлече и најави референдуми за отцепување на Република Српска од БиХ, предупредувајќи дека нема да дозволи отворање избирачки места за избор на нов претседател. Со вакви потези, повторно би ризикувал кривична одговорност и нова затворска казна.
Во меѓувреме, опозициските партии во РС веќе најавија подготвеност за учество на изборите, додека неизвесна останува позицијата на лидерот на ПДП и градоначалник на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ, кој според аналитичари важи за можен фаворит на српскиот претседател Александар Вучиќ како наследник на Додик.