myWorld (Cashback World) прогласи стечај – илјадници членови и партнери оштетени

9

Мулти-левел маркетинг компанијата myWorld International AG, позната кај јавноста како Cashback World, Lyoness или Lyconet, официјално прогласи стечај пред неколку дена. Компанијата со години беше присутна и во Македонија, нудејќи „кешбек“ систем за купувања и ветувајќи дополнителен приход преку вклучување нови членови.

Според документите од стечајната постапка, myWorld должи над 22 милиони евра, а дополнително има и даночен долг од околу 50 милиони евра. Наспроти тоа, вредноста на активите изнесува едвај 15 милиони евра. Вкупно 2.049 лица и компании се пријавени како доверители кои бараат наплата.

Во Австрија, Врховниот суд неодамна потврди дека шемата на компанијата е пирамидален модел и претставува продолжение на контроверзниот Lyoness. Со оваа пресуда практично се стави крај на правните вратички преку кои компанијата работеше во Европа.

Иако myWorld најавува реструктурирање и план за враќање на дел од долговите (20 % во рок од две години), иднината на компанијата е неизвесна.

Оваа ситуација е уште една потврда за ризиците кои ги носат ваквите системи, каде главниот приход доаѓа од привлекување нови членови, наместо од реална продажба. Илјадници луѓе во регионот, меѓу кои и во Македонија, вложија надеж и пари во овој модел, а сега остануваат со сериозни загуби.

Makedonski