142 интервенции на пожарникарите во Бугарија за едно деноноќие

19

Во изминатите 24 часа противпожарните служби во Бугарија реагирале на 142 повици за интервенции, при што биле изгаснати 111 пожари, соопшти Главната дирекција за „Пожарна безбедност и заштита на населението“, пренесе БТА.

Во пожарите повредени се две лица, а материјални штети се регистрирани кај 16 пожари – меѓу нив четири во станбени згради, еден во помошни објекти, два во возила, два во шумски подрачја, три во земјоделски површини, еден во отворени објекти и три во други категории.

Покрај тоа, пријавени се 95 пожари без штети, најчесто во сува трева, стрништа и отпад.

Во истиот период, пожарникарите реализирале 23 спасувачки акции и технички интервенции, од кои три при сообраќајни несреќи и една при индустриски инцидент, а забележани се и осум лажни повици.

Според БТА, пожар во близина на градот Бугларово уништил неколку објекти и предизвикал итна евакуација на жители, а во Пирин продолжува гаснењето на шумскиот пожар над селото Илинденци, каде што се вклучени и војници со механизација од бугарската армија. Во Варна, пак, пожар во местноста Сотира бил предизвикан од скара, а пожарникарите интервенирале и кај Аксаково.

Makedonski