Младите во Македонија соочени со невработеност, недоверба во институциите и недостаток на можности – предупредува „Хера“

9

Додека светот го одбележува Меѓународниот ден на младите, Здружението „Хера“ предупредува дека младите во Северна Македонија и понатаму живеат во услови на висока невработеност, неквалитетно образование, недостиг од младински пријателски здравствени услуги и ограничена институционална поддршка. Недостигот на безбедни јавни простори и корупцијата, велат од здружението, ги тераат младите да ја бараат својата иднина надвор од земјата.

Според официјалните податоци, 23,7% од младите на возраст од 15 до 29 години се во категоријата NEET – над европскиот просек и показател за системска негрижа. Националната стратегија за млади 2023–2027 укажува на ограничен пристап до услуги, слабо учество во јавниот живот и длабока недоверба кон институциите – повеќе од две третини сметаат дека не се вклучени во донесувањето одлуки, а 70% немаат интерес за политика.

Истражувањата покажуваат дека половина од младите сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби, а над 73% никогаш не биле консултирани од институциите. Дополнително, 74,4% не припаѓаат на ниту една организација. Иако Законот за младинско учество е во сила од 2020 година, само 19 општини имаат формирано младински совет, а стратегии за млади се усвоени во само 7 општини.

„Хера“ предупредува и на алармантни податоци за менталното здравје: 64% од 15-годишните девојчиња имаат психосоматски тегоби еднаш неделно, а повеќе од половина чувствуваат депресивно расположение. Расте и насилството, за што се потребни програми за превенција и поддршка.

Здружението апелира до кандидатите на претстојните локални избори да ги изработуваат програмите во директна консултација со младите и бара конкретни мерки – функционални младински совети во сите општини, посебни буџетски ставки за младински политики, достапни јавни простори, младински центри, програми за вработување, менторство и поддршка за претприемништво.

„Заминувањето на младите нема да се спречи со патриотски кампањи, туку со долгорочни инвестиции во нивниот потенцијал и квалитетот на живот“, порачуваат од „Хера“, додавајќи дека локалната власт е првата линија на контакт и местото од каде треба да почнат вистинските промени.

Makedonski