Утре ќе биде објавен огласот за нов претседател на Антикорупциска

8

Собранието на Република Северна Македонија денеска соопшти дека утре ќе биде објавен огласот за избор на нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Огласот, според законските одредби, ќе биде објавен во Службен весник и во два дневни печатени медиуми.

Кандидатите ќе имаат рок од 10 дена за да поднесат пријави, а постапката ќе продолжи согласно роковите и процедурите утврдени во член 12 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Оваа одлука следува откако Собранието во петокот го усвои Предлогот за објавување на јавниот оглас, по оставката на доскорешната претседателка Татјана Димитровска.

Димитровска се повлече од функцијата откако Обвинителството за гонење организиран криминал поднесе обвинение против неа за две кривични дела – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Според обвинението, таа му одала класифицирани информации на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, а тестот за добивање сертификат за државна тајна наместо неа го положил ревизор од Државниот завод за ревизија.

Изборот на нов претседател на Антикорупциска доаѓа во чувствителен период за институцијата, која е клучна за борбата против корупцијата во земјата.

Makedonski