Гаснењето на пожарите продолжува – најтежок останува оној кај Самоков, во Македонски Брод

15

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше за најновата состојба со активните пожари во земјава. Според него, пожарот во општина Чучер Сандево е целосно изгаснат, а фокусот на службите сега е насочен кон Дојран и Македонски Брод.

Пожарот во Чучер Сандево е целосно изгаснат. Се уште се забележува чад од трупци кои догоруваат, но нема опасност од ново ширење.

изјави Ангелов.

Тој додаде дека во моментов најкритични точки се над селото Николиќ во Дојран и во близина на фабриката Самоков во Македонски Брод.

Во Дојран се дејствува со хеликоптер бидејќи пожарот се шири на стрмен терен. Има само еден активен крак и верувам дека во наредните часови ќе биде ставен под контрола. На терен се пожарникари од Гевгелија, Валандово и Дојран.

појасни тој.

Најтежок пожар според него е оној над фабриката Самоков, за кој денеска ќе биде ангажиран ер-трактор (авион за гаснење пожари).

Овој пожар е особено предизвикувачки, но со денешните интервенции очекуваме целосна стабилизација на ситуацијата.

рече Ангелов.

Сите служби остануваат во состојба на зголемена подготвеност, со цел брзо локализирање на пожарите и заштита на населението и објектите во ризичните подрачја.

Makedonski