Втор круг ќе одлучува во Брвеница: Радичевски (ВМРО-ДПМНЕ) со убедлива предност пред Јахии од Националната алијанса
Предвремените локални избори за градоначалник на Општина Брвеница ќе имаат втор круг, кој ќе се одржи за две недели. Според прелиминарните резултати објавени од Државната изборна комисија (ДИК), во одлучувачката изборна битка ќе се натпреваруваат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата предводена од Националната алијанса за интеграција.
Резултати: Радичевски на чело, Јахии втор
Според податоците од сите обработени избирачки места (24 од 24):
- Стојанчо Радичевски (ВМРО-ДПМНЕ) – 38,9 отсто (2.943 гласови)
- Аркин Јахии (Национална алијанса за интеграција) – 28,4 отсто (2.152 гласови)
- Јакуп Хусеини (ВЛЕН) – 20,2 отсто (1.528 гласови)
- Кандидатот на коалицијата СДСМ – 9,3 отсто (706 гласови)
Независните кандидати Душан Богдановски и Арифе Идризи освоија занемарлив број гласови и не влијаеја на крајниот распоред.
Мицкоски: „Четири спрема еден над СДСМ”
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција по објавувањето на првичните резултати, не го криеше задоволството од категоричната победа над кандидатот на главниот политички ривал.
„Многу сум задоволен што нашиот кандидат го победи кандидатот на СДСМ со четири спрема еден. Тоа е важна порака од граѓаните до нивното раководство”, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги искористи и моментот за порака за почитување на демократските принципи.
„Демократијата подразбира натпревар на различни идеи, програми и кандидати. Но, кога ќе заврши гласањето, останува една обврска која важи за сите: да се почитува волјата на граѓаните”, рече Мицкоски.
Лазов: Пад на гласовите кај ВМРО-ДПМНЕ, раст кај СДСМ
Што следи?
Вториот круг на изборите ќе се одржи за две недели, а битката за градоначалничкото место ќе се води меѓу Радичевски и Јахии. Со оглед на тоа дека албанскиот блок во првиот круг беше поделен меѓу Јахии и Хусеини, вториот круг ќе покаже дали коалицијата околу Националната алијанса за интеграција ќе успее да ги консолидира гласовите на поразените кандидати и да ја надомести предноста на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.