Димитриеска-Кочоска најави нова граѓанска обврзница: Буџетот до крајот на годината ќе се финансира од домашниот пазар
Министерството за финансии планира да ги покрие буџетските потреби во претстојниот период главно преку домашни кредитори, додека за следната година се разгледуваат опции за задолжување на меѓународните пазари преку две одделни емисии на еврообврзница.
Финансирањето на буџетските потреби до крајот на годината главно ќе се обезбедува преку домашниот финансиски пазар, со издавање државни хартии од вредност и рефинансирање на доспеаните обврски. Воедно, во план е и нова емисија на граѓанска обврзница, најави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Министерката појасни дека најголемиот дел од буџетскиот дефицит е веќе затворен, а преостанатите потреби до декември се однесуваат на сервисирање на доспеаните домашни хартии од вредност и кредити.
КАПЕФ-механизмот ги пренасочува средствата од забавените проекти
Зборувајќи за реализацијата на капиталните расходи, Димитриеска-Кочоска објасни дека кратењето на средствата кај одредени проекти преку механизмот КАПЕФ е резултат на нивната забавена динамика и неуспешните тендерски процедури. Таа децидно нагласи дека државата не се откажува од овие проекти, туку врши пренамена на парите кои е извесно дека нема да се искористат до крајот на фискалната година.
Како конкретен пример министерката го посочи тендерот на Управата за извршување санкции, каде што биле предвидени над 200 милиони денари, но поради неуспешна постапка, тендерот ќе мора да се повтори. Слична е состојбата и со одредени проекти во Министерството за животна средина и просторно планирање, додека оние со веќе потпишани договори продолжуваат со непречена реализација.
Стабилна инфлација, но со буџетски ограничувања
Осврнувајќи се на макроекономските текови, буџетскиот дефицит и движењето на цените на енергенсите, министерката посочи дека глобалната економска неизвесност и растот на јавниот долг наложуваат крајно внимателно управување со државната каса. Таа истакна дека соодветните владини мерки во делот на даноците и акцизите спречиле ценовните шокови да се прелеат во останатите сектори.
Според Димитриеска-Кочоска, Македонија во моментов има една од најниските стапки на инфлација во регионот, но предупреди дека буџетскиот простор не е неограничен за постојани интервенции. Во таа насока, таа упати апел до граѓаните внимателно да управуваат со личните трошоци и да ги следат глобалните економски придвижувања.
Планови за еврообврзницата и подготовка на новиот буџет
Во однос на плановите за следната година, министерката појасни дека поради зголемената побарувачка на капитал на меѓународните пазари кон крајот на годината, се анализираат повеќе опции за оптимално финансирање. Една од можностите е следната година задолжувањето да се реализира преку две одделни емисии на еврообврзница. Дел од овие средства ќе бидат искористени за рефинансирање на еврообврзницата од 2023 година, која оптоварува со висока каматна стапка од над шест проценти.
Паралелно, Министерството за финансии веќе го подготвува новиот буџет во рамките на утврдената фискална стратегија. Во претстојниот период следуваат координативни состаноци со владините ресори, при што министерката најави дека здравствениот сектор и Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ќе бидат позиционирани високо на листата на приоритети.