Истражување на БИРН: Како преку Државна лотарија и оглас од пет дена се организираа прославите за независноста – Владата и „Авалон“ сè уште молчат за сумата
Организацијата на масовните прослави по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, на кои настапија светски ѕвезди како Дејвид Гета и Хозе Карерас, се одвивала преку специфичен модел надвор од редовниот систем за јавни набавки, додека вкупната финансиска сума потрошена за овие настани сè уште се чува како строга тајна, открива истражувањето на БИРН.
Иако манифестациите завршија, институциите и организаторите меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за финансискиот отчет.
„Сите прашања за сумата потрошена за прославите за 35 години од независноста поставете ги во Владата“, изјави за БИРН Александар Климовски, директор на АД „Државна лотарија“, институцијата која формално го распиша повикот.
Од друга страна, владината портпаролка Марија Митева, која уште во мај ветуваше целосна транспарентност по финализирање на договорите, досега не одговори на испратените новинарски прашања за точната цена на целиот проект.
Заобиколување на јавните набавки преку Закон за спонзорства
Јавно достапните документи покажуваат дека Владата на 28 април годинава донела одлука организацијата на јубилејот да и ја делегира на Државна лотарија. Само два дена подоцна, на 30 април, Лотарија распишува „Јавен повик за прибирање понуди за реализација на спонзорирани настани“, со рок за доставување понуди од само пет работни дена.
Повикот не бил објавен на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), туку само на веб-страницата на Лотарија и во еден печатен дневен весник, со образложение дека постапката се води согласно Законот за донации и спонзорства.
Прецизно скроени услови во огласот
Критериумите наведени во петдневниот оглас детално ги пресликаа настаните што подоцна реално се одржаа:
- Се бараше изведувач од „А-класа“ со светска продукција за настан на отворено со загарантирана посета од минимум 30.000 луѓе (што соодветствува со настапот на диџејот Дејвид Гета);
- Интернационална ѕвезда од „А-класа“ во придружба на домашни уметници (настапот на оперскиот великан Хозе Карерас);
- Организација на најмалку 12 мултимедијални и театарски перформанси низ републиката (проектот „Силно светнал ден“).
Единствен понудувач што се пријавил на вака дефинираниот повик била продукцијата „Авалон“ преку својата фирма „Стардаст“, а за прифаќањето на нивниот концепт одлучувала надворешна уметничка комисија. Само пет дена по затворањето на огласот, претставникот на „Авалон“, Бобан Милошески, и владината портпаролка Марија Митева на заедничка прес-конференција го промовираа доаѓањето на Дејвид Гета.
Нервоза и молк околу потрошените средства
Прашањето колку чини целиот овој проект останува без одговор. На неодамнешното директно новинарско прашање за висината на исплатениот хонорар за светскиот диџеј, Милошески од „Авалон“ реагираше бурно, одговарајќи со контрапрашање: „Дали ти изгледам како идиот?“.
Во рамки на јубилејната програма досега се реализирани вкупно 16 настани, вклучувајќи настапи на познати диџеи како Стив Аоки, Пол ван Дајк и Пол Окенфолд, како и перформансите „Силно светнал ден“ во продукција на „ОХО“ и режисерот Дејан Пројковски.
Иако на промотивните материјали на дел од настаните беа истакнати и логоа на големи приватни компании како спонзори, јавноста сè уште нема увид во тоа колкав дел од средствата се обезбедени од приватниот сектор, а колку милиони се потрошени од државниот буџет и сметката на Државна лотарија.