Полициска акција во Владата: Уапсен возачот на Игор Јанушев со обележани пари – барал поткуп за вработување
Вработен како возач на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, е лишен од слобода под сомнение за сторено кривично дело примање поткуп. Осомничениот бил фатен на дело во координирана полициска акција, откако барал парични средства од граѓани во замена за посредување при вработување во државни институции.
Полициска замка со обележани банкноти
Според првичните информации, случајот претходно бил пријавен во Министерството за внатрешни работи (МВР), по што биле преземени посебни истражни мерки за документирање на криминалната активност.
Во рамките на полициската операција, на осомничениот му биле предадени претходно крим-технички обележани пари, по што полициските службеници веднаш интервенирале и го привеле. Засега нема официјална потврда од надлежните за точната сума на побараниот поткуп, ниту пак за тоа за кои конкретни работни позиции било ветувано вработувањето.
ВМРО-ДПМНЕ: Законот важи за сите, нема заштитени од одговорност
По повод овој случај и критиките упатени од опозицијата, со реакција се огласија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека институциите покажале нулта толеранција кон корупцијата и реагирале експресно.
„Осомничениот се обиде да земе мито, веднаш беше обработен од страна на МВР, му беа дадени обележани пари и сега е зад решетки каде што против него се води соодветна постапка. Од СДСМ очигледно ги помешале лончињата – во нивно време ваквите криминали се криеја под тепих и никој не беше санкциониран, а парите завршуваа кај нивните партиски главешини. Денес институциите дејствуваат професионално и се покажува дека постои правна држава во која законите важат подеднакво за секого“, се вели во соопштението на владејачката партија.
По комплетирање на целокупната документација и истражни дејствија, се очекува МВР и Основното јавно обвинителство да излезат со официјални детали за случајот и за правната квалификација на делото.