Помош за семејниот буџет: Владата ја враќа „училишната кошничка“, приборот ќе се продава по замрзнати маржи и пониски цени
На прагот на новата учебна година, Владата повторно ќе ја активира мерката „училишна кошничка“, со цел да им излезе во пресрет на родителите и да ја заштити куповната моќ на семејствата. Официјалната одлука за интервенција во цените на училишниот прибор ќе биде донесена на претстојната владина седница во вторник, по претходно одржаниот координативен состанок во Министерството за економија со трговците и дистрибутерите.
Заштеда од околу 3.000 денари по семејство
Како и во претходните две години, мерката се очекува да важи до 15 септември. Со неа ќе се воведе ограничување на трговските маржи, со што тетратките, ранците и останатите училишни материјали ќе се продаваат со намалени цени за најмалку 10 проценти.
Според пресметките на економските ресори, со ваквото намалување едно просечно семејство со двајца ученици може да заштеди околу 3.000 денари во периодот кога трошоците за подготовка за настава се највисоки.
Паралелно течат уписите: Се очекуваат околу 3.000 првачиња помалку
Додека траат подготовките за почетокот на училишните обврски, во тек е и вториот августовски уписен рок за прием на првоодделенци во основните училишта.
Од Министерството за образование и наука (МОН) посочуваат дека демографските трендови и понатаму бележат пад. Според нивните проценки, бројот на запишани првачиња годинава ќе биде за околу 3.000 помал во споредба со минатата учебна година. Конечните и официјални бројки за вкупниот број на ученици што за првпат ќе седнат во училишните клупи ќе бидат соопштени кон крајот на септември.