Општина Струга блокирана од долгови: Најмалку 5 милиони евра се на извршување, превозниците на ученици бараат исплата

3

Општина Струга се наоѓа во исклучително тешка финансиска состојба со блокиран развој поради долг од најмалку пет милиони евра само по основ на извршни решенија. Како што информира градоначалникот Менди Ќира, оваа сума не е конечна бидејќи постојат дополнителни, сè уште недокументирани побарувања кои се предмет на судски постапки и за кои дополнително се пресметуваат високи камати.

„Во овој момент фокусот ни е насочен кон сервисирање на долгот од 5 милиони евра кој веќе е стигнат на извршување, со цел да го отстраниме овој тежок товар што директно го кочи напредокот и нормалното функционирање на нашата општина“, изјави градоначалникот Ќира.

Ученичкиот превоз пред колапс поради стари сметки

Финансиската криза веќе резултираше со конкретни проблеми на теренот. Превозниците кои вршат транспорт на ученици од струшките села неодамна најавија бојкот поради неисплатени фактури од страна на локалната самоуправа.

Градоначалникот појаснува дека станува збор за долгогодишни наследени обврски кои не биле подмирувани со години, при што вината ја лоцираше кај претходната локална власт предводена од СДСМ.

„Станува збор за стар долг кој се акумулирал низ годините. Со моето стапување на функција веднаш извршивме исплата од 1,4 милиони денари кон превозниците, а останува да се доисплатат уште околу 55 до 60 илјади евра. СДСМ сега лицемерно бара од нас експресно да го исплатиме долгот што самите тие го создадоа додека беа на власт“, нагласи Ќира.

Според информациите од локалната самоуправа, општинското раководство веќе остварило средба со превозниците со цел да се најде заеднички прифатлив модел за динамика на исплатата, за да не се доведе во прашање превозот на учениците на почетокот на новата учебна година.