Четврта жртва од вирусот Западен Нил во Македонија: Почина 76-годишен маж, меѓу заразените и млади лица
Здравствените власти ја потврдија четвртата жртва од западнонилска треска во земјава. На Универзитетската клиника за инфективни болести, по 27-дневна борба за живот, почина 76-годишен пациент кој развил тешка невроинвазивна форма на болеста, придружена со воспаление на мозокот и мозочната обвивка.
Директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, информираше дека влошувањето на состојбата кај починатиот било резултат на комбинацијата од агресивната форма на вирусот и претходните сериозни хронични заболувања.
Инфекцијата не ги заобиколува ниту младите
Иако повозрасните лица се под најголем ризик, најновите податоци покажуваат дека вирусот е присутен и кај помладата популација. Лабораториски е потврдена невроинвазивна форма кај 25-годишна пациентка, а синоќа на Клиниката е примен и 24-годишен маж од општина Центар со суспектни симптоми, за кого се чекаат финалните резултати.
„Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 20 пациенти. Кај 18 од нив инфекцијата е веќе потврдена, додека двајца се водат како суспектни. Петмина пациенти се наоѓаат на интензивна нега со тешка клиничка слика и се лекуваат според строги медицински протоколи“, изјави д-р Цана.
Статистика и ризик-фактори
Д-р Цана појасни дека сите хоспитализирани пациенти во моментов се од подрачјето на Скопје и сите ја имаат најтешката, невроинвазивна форма на болеста.
„Според светската статистика, ваква тешка форма на болеста развива само еден процент од вкупниот број инфицирани. Напредната возраст, во комбинација со воспаление на мозочната обвивка, е независен ризик-фактор кој често води до фатален исход“, додаде тој.
Досегашниот биланс од почетокот на појавата на вирусот е: четири починати лица и 15 излекувани пациенти кои веќе се отпуштени на домашно лекување. Лекарите апелираат дека секој случај со невролошки симптоми мора веднаш да биде хоспитализиран, додека кај останатите инфицирани, кои се во мнозинство, болеста често поминува со лесни или без никакви симптоми.