„ПР спектакл“ со чаша вода: Ангелов го следи примерот на Ѓорѓиевски, граѓаните реагираат на „провинцискиот политички маркетинг“

10

По еден месец епидемија и строга забрана, водата во Гостивар конечно е прогласена за безбедна за пиење. Но, наместо со официјални лабораториски извештаи, првите луѓе на кризниот менаџмент решија безбедноста да ја „докажат“ пред ТВ камерите – пиејќи вода од чешма.

Од фекалии до „вкусна вода“ за 30 дена

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, во друштво на претставници од ЦУК и Општина Гостивар, денеска демонстративно испи чаша вода, придружена со коментар дека таа е „многу вкусна“ и дека дури планира да наполни туба за Скопје.

Овој гест доаѓа само еден ден откако скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски направи идентичен потег за да ги демантира дезинформациите за неисправност на скопската вода. Сепак, во Гостивар контекстот е поинаков – градот помина низ вистинска здравствена криза каде над 5.000 граѓани беа заразени со бактерии од фекално потекло по дефект на пумпната станица.

Остри критики: „Циркус Медрано“ во 21 век

Јавноста и граѓанскиот сектор не останаа имуни на ваквиот начин на комуникација. Бленди Ходаи, директор на Форумот за образовни промени, остро го критикуваше настанот, нарекувајќи го „брука“ и „провинцијализам“.

„Кога основна обврска на институциите – да обезбедат чиста вода – се претставува како историски успех со насмевки пред камери, тогаш проблемот е многу поголем од загадената мрежа. Гостиварчани пиеја вода со фекалии, а сега функционерите прават ПР спектакл“, напиша Ходаи.

Слични се и коментарите на социјалните мрежи, каде граѓаните со неверување прашуваат дали ваквиот метод на „тестирање“ е соодветен за 21 век. „Циркус Медрано“, па уште и „на здравје“ си викаат“, е еден од најчестите коментари.

Македонскиот пат по стапките на светските политичари

Македонските функционери не се единствените кои посегнале по овој метод. Низ историјата, слични „тестови“ со пиење вода пред камери правеле градоначалниците на Анкара (Турција), Зрењанин (Србија), па дури и на Флинт и Вашингтон во САД. Во сите случаи, заеднички именител е обидот за враќање на изгубената доверба кај граѓаните преку визуелна потврда, иако научните докази честопати биле во спротивност со политичките уверувања.

Инаку, официјалното прогласување на водата за безбедна во Гостивар доаѓа откако три последователни примероци покажале негативни резултати за присуство на бактерии. Кризната состојба во градот, прогласена од Владата на 21 јули, трае веќе 30 дена.