СЕГА СЕ ДУВА И НА КИСЕЛО МЛЕКО: Се шири „фејк-њуз“ за ешерихија коли во водоводот, официјалните анализи потврдуваат дека водата е безбедна

11

Брзото ширење на непотврдена порака преку социјалните мрежи и апликациите за комуникација предизвика бран вознемиреност меѓу граѓаните на Скопје. Во пораката, без никакви докази или лабораториски наоди, се тврди дека во градскиот водовод е пронајдена бактеријата ешерихија коли (E. coli) и дека наводно веќе има хоспитализирани пациенти.

Сепак, официјалните податоци од надлежните институции целосно ги демантираат овие тврдења.

„Водовод“: Сите примероци се микробиолошки исправни

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје го објави својот последен дневен извештај од редовниот мониторинг. Според Секторот за санитарна контрола, на 11 август се земени вкупно 42 примероци од водоводната мрежа во различни делови на градот, вклучувајќи го и бунарскиот систем Нерези – Лепенец.

„Сите примероци се подложени на физичко-хемиска и микробиолошка анализа во акредитирани лаборатории. Резултатите покажуваат дека секој испитан примерок одговара на највисоките барања за безбедност и квалитет на водата за пиење“, соопштија од претпријатието.

Институциите ги проверуваат наводите за хоспитализација

Во анонимна порака се тврдело дека „веќе имало два случаи на клиника“, но без да се прецизира каде точно.

Дополнително, градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, најави вонредно обраќање до јавноста за да се сопрат дезинформациите и да се смири паниката кај граѓаните.

Апел за внимателност при споделување информации

Експертите предупредуваат дека ширењето на вакви чувствителни информации поврзани со јавното здравје, без официјална потврда, е крајно неодговорно и може да предизвика непотребен хаос. Граѓаните се повикуваат да се информираат исклучиво преку официјалните извештаи на ЈП „Водовод и канализација“ и здравствените власти, кои вршат континуиран и строг надзор врз квалитетот на водата за пиење во главниот град.