ЦЕНОВЕН ШОК НА БЕНЗИНСКИТЕ: Горивата драстично поскапуваат, дизелот скокна за шест денари
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за значително зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати. Од полноќ, возачите ќе плаќаат поскап бензин за три денари, додека цената на дизелот бележи енормен раст од шест денари по литар.
Според новиот ценовник, новите цени на горивата ќе изнесуваат:
- Еуросупер БС-95 – 90,00 денари/литар (зголемување од 3,00 ден.)
- Еуросупер БС-98 – 92,00 денари/литар (зголемување од 3,00 ден.)
- Еуродизел (Д-Е V) – 94,00 денари/литар (зголемување од 6,00 ден.)
Поскапуваат екстра лесното и мазутот
Драстичен скок има и кај Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), чија цена се зголемува за дури 7 денари и ќе изнесува 93 денари за литар. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 3,205 денари и еден килограм ќе се продава за 45,373 денари.
Владината интервенција со акцизите го ублажи ударот
Овој ценовен бран доаѓа и покрај вчерашната одлука на Владата за намалување на акцизите за еден денар кај бензините и за два денари кај дизелот. Без оваа интервенција, поскапувањето на бензинските пумпи ќе беше уште поизразено.
Причини: Хаос на светските берзи
Од РКЕ образложуваат дека главна причина за ваквите корекции е наглото зголемување на референтните цени на светскиот пазар. Во споредба со претходната пресметка, бензините на светските берзи поскапеле за околу 9%, додека кај дизелот растот изнесува речиси 15%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период остана стабилен со минимален пад од 0,1%, што немаше значително влијание врз крајната пресметка на цените.