Костовски: Пратениците не се тука за да делат шишиња вода, туку да обезбедат системски решенија

23

Ванчо Костовски од ВМРО-Народна партија упати остра критика до пратениците од власта, нарекувајќи ги нивните активности на терен во услови на водна криза „класичен пример на пропаганда“. Според него, улогата на пратеникот е да обезбеди буџетски средства за инфраструктура, а не да изигрува хуманитарец во ситуации каде институциите затаиле.

Костовски реагира на честите појави каде политички функционери делат флаширана вода на места каде што водоводната мрежа е загадена или во прекин.

„Досега не слушнавме барање за средства во државниот буџет“

Советникот потенцира дека одговорноста за пристапот до питка вода е поделена помеѓу локалната и централната власт, но клучот за решението лежи во народните избраници во Собранието.

„Работата на пратениците не е да делат вода, туку да овозможат водата да биде пристапна и безбедна за сите граѓани. Ако локалната самоуправа нема капацитет или средства за капитални инвестиции, тогаш пратениците треба да ги обезбедат тие средства преку државниот буџет. Досега не слушнавме пратеничката да побара посебна ставка во буџетот за оваа намена“, истакнува Костовски.

Алармантна состојба со квалитетот на водата во охридските села

Костовски се осврна и на локалната состојба во Охрид, каде што, според него, постојат сериозни пропусти во квалитетот на водата за пиење во неколку рурални средини, за кои надлежните не преземаат ништо.

„Во Охрид беше официјално констатирано дека во неколку села водата за пиење не е со соодветен квалитет. И покрај ваквите наоди, ништо не се презема на терен за да се реши проблемот системски. Слична е состојбата во речиси сите општини, додека функционерите ја користат несреќата за лична промоција“, заклучува советникот.

Тој апелираше наместо симболични гестови, избраните функционери да се фокусираат на законски решенија и долгорочни инвестиции во водоводните мрежи кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните.

Македонски