АЛАРМАНТЕН ИЗВЕШТАЈ НА ИЈЗ: Охридското Езеро под „опсада“ од отпадни води – десетици хотели и населби сè уште надвор од колекторот

3

Голем број хотели, угостителски објекти и цели туристички населби долж охридското крајбрежје остануваат директна закана за екосистемот на езерото. Најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за квалитетот на површинските води открива сериозни системски пропусти во третманот на отпадните води, со посебен акцент на објектите кои сè уште не се приклучени на колекторскиот систем.

Иако колекторот ги опслужува Охрид и Струга, извештајот нотира дека значителен дел од крајбрежјето е оставено на милост и немилост на септички јами и неконтролирани испусти.

Црни точки: Од Свети Наум до Радожда

Според ИЈЗ, критичен е потегот од хотелот „Десарет“ до Свети Наум, како и делот од Струга до Радожда. Во овие зони, отпадните води завршуваат во септички јами кои често протекуваат, додека во селото Радожда фекалиите директно понираат или се испуштаат во езерските води.

Проблемот не ги заобиколува ниту атрактивните локации во срцето на Охрид. Приватните куќи и угостителски објекти кај Сараиште, Канео и Света Софија, како и селата Трпејца и Љубаништа, се посочени како потенцијални извори на загадување. Ревизијата на теренот покажала дека дури и во комплексот Свети Наум, каде постои локален систем, третманот е примитивен – функционира само дробилка за фекалии, без соодветна филтрација и хлорирање пред водата да се испушти во езерото.

Загадувањето доаѓа и преку атмосферските води

Ревизорите од ИЈЗ предупредуваат и на „невидливите“ загадувачи. Шанковите на плажите, како и базените во рамки на хотелите, често се приклучени на атмосферската канализација, преку која фекалните води неконтролирано завршуваат во езерото. Што се однесува до автокамповите Љубаништа, Ливадишта и Градиште, нивните пречистителни станици се ефикасни само под услов редовно да се одржуваат, што не е секогаш случај.

Квалитетот на водата: Грашница останува „најслаба алка“

И покрај овие закани, лабораториските анализи спроведени од 20 мај до 24 јуни покажуваат дека водата во Охридското Езеро е генерално безбедна за капење и ја задржува првата класа. Сепак, постојат исклучоци:

  • Лош квалитет: Мерното место кај Грашница е оценето со трета класа и не ги исполнува критериумите за безбедно капење.
  • Добар квалитет: Плажите кај хотел „Ројал“, Лабино и каналот Студенчишта имаат задоволителен, но не и одличен квалитет.
  • Одличен квалитет: Поголемиот дел од останатите плажи ги исполнуваат највисоките стандарди.

Состојбата кај Преспанското и Дојранското Езеро

За разлика од Охрид, во Преспанското Езеро не се евидентирани значајни извори на загадување и нивото на ризик е ниско.

Во Дојранското Езеро, пак, главна закана се земјоделските активности, употребата на пестициди и вештачки ѓубрива, како и отпадните води од викенд-населбите. ИЈЗ препорачува итна координација со грчките власти за заедничка заштита на ова езеро.

Итни препораки од ИЈЗ:

Институтот апелира до надлежните за итно проширување на колекторскиот систем, задолжително приклучување на сите објекти долж крајбрежјето и строга забрана за мешање на фекалната со атмосферската канализација за да се спречи долготрајно уништување на најголемиот природен ресурс во државата.

Македонски