УСТАВНИОТ СУД ВО ОДБРАНА НА ИНТЕГРИТЕТОТ: „Недозволиви се обидите за партизација, нашите одлуки се конечни и задолжителни“
Уставниот суд упати остра реакција до политичките субјекти во земјава, осудувајќи ги обидите за нивна груба политизација и инструментализација за дневни цели. Од Судот порачуваат дека нема да подлегнат на притисоци и дека секој обид за дискредитација на нивната работа, вклучително и на меѓународните активности, претставува директен напад врз владеењето на правото.
Во официјалното соопштение, Уставниот суд посочува дека одредени политички партии настојуваат да ја зголемат сопствената видливост преку злоупотреба на судските одлуки. Посебен акцент е ставен на меѓународната соработка, која според Судот, неоправдано се става во партиски контекст, иако станува збор за стратешки определби потврдени со потпишани меморандуми со врховните судови на Косово, Египет и Србија, како и со актуелното претседавање со Балканскиот форум на уставни судови.
„Апсурдни се квалификациите дека нашите одлуки се неуставни“
Од институцијата ги квалификуваат како „недозволени и апсурдни“ изјавите на одредени политичари дека одлуките на Уставниот суд се „незаконски“. Тие потсетуваат на член 112 од Уставот, според кој сите одлуки на овој Суд се конечни, извршни и општо-задолжителни за сите во државата.
„Наместо да се повикува на протести насочени против правниот поредок, политичките партии треба да покажат уставна култура и посветеност кон европските вредности. Владеењето на правото не смее да биде жртва на партиски конфронтации“, стои во соопштението.
За Судот не се важни имињата, туку законската процедура
Во врска со актуелните дебати за преименување на улици и објекти, Уставниот суд јасно прецизира дека неговата надлежност не е во содржината на имињата.
„За Судот не е релевантно како се викаат улиците или училиштата, туку единствено дали одлуките за нивно именување се донесени во законски пропишана постапка. Ова е принципиелен став кој го применуваме во сите случаи, вклучително и за претходните одлуки поврзани со Општина Чаир“, појаснуваат од институцијата.
Уставниот суд апелира до сите политички чинители за одговорност и воздржаност во јавната комуникација. Како чувар на уставно-правниот поредок, Судот порачува дека ќе продолжи да дејствува независно, без оглед на обидите за политички влијанија и ширењето манипулации во јавноста.