ДИРЕКТОРОТ НА АЛБАНСКАТА ПОЛИЦИЈА ЗА ИНЦИДЕНТОТ НА ЌАФАСАН: На функционерот од ВЛЕН му беше забранет влез поради законски пречки

6

Генералниот директор на албанската државна полиција, Скендер Хита, денеска појасни дека на граничниот премин „Ќафасан“ се постапувало строго според законот при вчерашниот инцидент со македонската делегација. Иако пратениците на ВЛЕН имале дипломатски имунитет, лицето во нивна придружба не ги исполнувало условите за влез на албанска територија.

На денешната прес-конференција, Хита детално ги образложи околностите под кои на тројца функционери на коалицијата ВЛЕН им беше оневозможено заедничкото патување во Албанија. Според неговите зборови, на граничниот премин се појавиле четворица македонски државјани, од кои тројца поседувале дипломатски пасоши.

„Трите лица со дипломатски исправи беа уредно информирани дека можат слободно да го продолжат своето патување. Сепак, четвртото лице, кое беше дел од нивната група, се соочи со законски пречки кои оневозможуваат влез во Република Албанија“, изјави првиот човек на албанската полиција.

Хита појасни дека по одлуката на граничните служби да не му дозволат влез на спорниот поединец, останатите тројца граѓани со дипломатски статус солидарно одлучиле да не патуваат понатаму и сите заедно се вратиле во Македонија.

Стандардна процедура, а не изолиран случај

Првиот човек на државната полиција на Албанија нагласи дека ваквите ситуации се дел од секојдневната работа на граничните служби и не треба да се толкуваат како политички мотивирани инциденти. Како поткрепа на ова, тој презентираше статистички податоци за ефикасноста на граничните контроли.

„Ова не е изолиран случај. Во текот на 2025 година евидентиравме 625 слични забрани за влез, додека само во првата половина на оваа година веќе имаме 425 вакви случаи. Наша должност е да го гарантираме спроведувањето на законот без исклучоци“, потенцираше Хита.

Тој заклучи дека Државната и Граничната полиција на Албанија остануваат цврсти гаранти на законитоста и дека нема простор за загриженост или шпекулации во врска со професионалното извршување на задачите на граничните премини.

Македонски