СКАНДАЛ КАЈ КРАТОВО: Приватно лице наплаќа влез во Куклица, се бара итна интервенција на надлежните органи

14

Посетители на локалитетот Куклица во близина на Кратово алармираат за нелегална наплата на влезници и физичко блокирање на пристапот до ова заштитено природно богатство. Според сведоштва на граѓани, на влезот во локалитетот неовластени лица ги спречуваат туристите да поминат доколку не платат одредена сума пари, за што не се издаваат фискални сметки.

Еден од загрижените граѓани кој јавно го сподели својот случај, тврди дека денеска бил физички спречен да влезе на локацијата од страна на непозната женска личност која не приложила никаква законска основа за таквиот чин.

Странски туристи плаќале и до 20 евра од лице?

„Откако успеав да влезам по алтернативен пат, разговарав со туристи од Косово кои веќе беа внатре. Тие ми изјавија дека за влез платиле по 10 евра од лице, а претходно им биле барани дури по 20 евра. Оправдувањето на лицата кои ги наплаќаат парите е дека локалитетот наводно е приватна сопственост“, вели очевидецот кој поседува и видео материјали од настанот.

Според дополнителни информации, ваквата пракса трае подолго време, при што пари се барале и од младенци за вршење фотосесии, како и од домашни туристи кои често се откажувале од посетата поради нелогичните и високи суми.

Институциите на потег

Овој случај отвора сериозни прашања за управувањето со природните реткости во земјата. Куклица е прогласена за споменик на природата и претставува јавно добро кое им припаѓа на сите граѓани.

„Ги повикувам медиумите и надлежните институции, инспекторатите и Министерството за животна средина да излезат на терен и да утврдат кој си дозволува да профитира од јавно добро и со кое право се ограничува движењето на посетителите“, се вели во апелот на граѓаните.

Од Општина Кратово и Министерството за внатрешни работи се очекува да го испитаат случајот и да соопштат дали постои легално овластен субјект за стопанисување со локалитетот или се работи за чиста самоволија и изнуда.

Македонски