Општина Тетово ја „почасти“ ИВЗ со поврат на данокот од купувањето на „Арабати Баба Теќе“: Скандал или законско право?

4

Дали Општина Тетово фаворизира една верска заедница на штета на буџетот на сите граѓани? Ова прашање се отвори откако Советот на Општината, со мнозинство гласови, донесе одлука да ѝ додели еднократна финансиска помош на Исламската верска заедница (ИВЗ) во износ од 1.144.484 денари (околу 18.600 евра).

Сумата воопшто не е случајна – таа е идентична на износот што ИВЗ претходно го уплатила во општинската каса како данок на промет при купопродажбата на комплексот Арабати Баба Теќе од компанијата „Тетекс“.

Барање за поврат на данок под превезот на „верски цели“

Кон крајот на април, Муфтиството на ИВЗ Тетово поднело официјално барање до Општината за поврат на платениот данок.

„Имајќи го предвид фактот дека износот платен за откуп на делови од комплексот „Арабати Баба Теќе“ е висок, што резултираше со значителни даночни суми, бараме да овозможите поврат на данокот. Комплексот ќе се користи исклучиво за верско-социјални активности и нема да има трговски карактер“, стои во барањето на ИВЗ.

Бидејќи законски Општината не може да изврши „поврат на данок“ за веќе завршена трансакција на имот кој се водел како деловен, Советот изгласа решение преку кое парите ги враќа во форма на „еднократна финансиска помош“.

Реакции: „Да ги дадеме советничките паушали, а не парите на граѓаните“

Ваквиот потег предизвика бурни реакции кај дел од опозициските советници, кои предупредија дека буџетот не смее да се користи за финансирање верски заедници, кои имаат сопствени донатори. Боби Илиевски од Левица предложи алтернативно решение кое не беше прифатено.

„Да не ги трошиме парите на граѓаните. Сите 31 советник и градоначалникот да ги дадеме нашите паушали и плати и доброволно да ја собереме таа сума. Едно е лична донација, а сосема друго е Советот да одлучува во име на сите граѓани. Дали сите верски заедници ќе имаат ваков третман во иднина?“, праша Илиевски од говорницата.

Касами: По закон, верските објекти се ослободени од данок

Градоначалникот на Тетово, Билал Касами, ја бранеше одлуката, тврдејќи дека поентата е објектот да се врати во својата основна функција – за верски обреди и култура.

„Се работи за објект кој во минатото се користел за деловни цели. По закон, верските институции се ослободени од плаќање данок при купопродажба на објекти за верски цели. Затоа што законски не можевме да извршиме поврат, доделена е финансиска поддршка за да се намали тоа што е платено“, објасни Касами.

Македонски