СДСМ: Лагите на Мицкоски се разобличени – Кошта и Европскиот парламент потврдија дека без уставни измени и реформи нема ЕУ

6

СДСМ преку соопштение реагира дека по натпреварувањето со месеци во манипулации, политиките на премиерот Христијан Мицкоски доживеале дебакл на меѓународна сцена. Од партијата посочуваат дека пораките од највисоко европско ниво јасно ги потврдиле нивните позиции – дека државата е заглавена поради отсуство на реформи и неисполнување на преземените обврски.

„Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, јасно порача дека уставните измени се единствениот услов за формално отворање на преговорите со Европската Унија. Со ова, сите лаги со кои Мицкоски ги манипулираше граѓаните дека е можен поинаков договор, се целосно потопени“, стои во соопштението на СДСМ.

Европскиот парламент со критики за владеењето на правото

Од СДСМ потенцираат дека дополнителен удар за кредибилитетот на Владата е усвоениот извештај на Томас Вајц во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Во овој документ се констатира недоволен напредок во клучните области како што се правосудството и борбата против корупцијата.

„Наместо независни институции, сведочиме на политички притисоци врз судството и јавно мешање во работата на обвинителството. Извештајот на Вајц е директна потврда дека Владата на Мицкоски не спроведува реформи, туку се фокусира на партиска контрола врз државата“, обвинуваат од опозицијата.

Предупредувања за дезинформации и „српско сценарио“

Социјалдемократите алармираат и за забелешките во извештајот кои се однесуваат на странски влијанија и кампањи со дезинформации. Според СДСМ, антиевропските наративи што ги шири власта се дел од организирана стратегија, по примерот на српската СНС, со цел државата да остане во изолација.

„Лажниот патриотизам за наводно загрозување на јазикот и идентитетот служи само како параван за неспособноста и корупцијата. Дури и последниот заеднички документ на Берлин и Париз јасно ги подвлекува Копенхашките критериуми и внесувањето на малцинствата во Уставот како императив“, додаваат од партијата.

Од СДСМ заклучуваат дека со сегашниот пристап на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија губи драгоцено време и шанса за подобар животен стандард, повикувајќи на итни реформи и деблокада на европскиот пат под мотото „Европа сега“.

Македонски