ВОЕНА ЕСКАЛАЦИЈА НА БЛИСКИОТ ИСТОК: Нови американски напади врз Иран, Техеран возврати со удар врз база во Кувајт

11

Регионот на Блискиот Исток се наоѓа пред нова опасна ескалација откако американската војска изврши серија напади врз ирански цели, на што Техеран возврати со гранатирање на американска воздухопловна база. Овие воени дејствија се случуваат во исклучително чувствителен момент, додека во заднина се водат обиди за дипломатско решение на тримесечната војна.

Пресретнати дронови и напади врз Бандар Абас

Неименуван американски претставник за агенцијата „Ројтерс“ потврди дека нападите биле насочени кон локации кои претставувале непосредна закана за американските трупи и за безбедноста на комерцијалните бродови во стратешкиот Ормуски теснец. Паралелно со нападите, американската војска пресретнала и соборила неколку ирански беспилотни летала.

Одговорот на Техеран беше експресен. Иранските вооружени сили соопштија дека како одмазда за нападот во близина на аеродромот Бандар Абас, извршиле удар врз американска воена инфраструктура. Странските новински агенции известуваат дека цел на нападот била американската база во Кувајт.

„Непријателот знае дека агресијата нема да остане без одговор. Целата одговорност за последиците паѓа на агресорот“, објави иранската агенција „Тасним“.

Трамп дециден: Ормускиот теснец мора да остане отворен

Претседателот на САД, Доналд Трамп, дополнително ги заостри тоновите отфрлајќи ги наводите на иранските државни медиуми дека меѓу Иран и Оман е постигнат договор за заедничко управување со водниот пат. Трамп порача дека САД нема да дозволат никакви ограничувања и дека Ормускиот теснец ќе остане целосно отворен за меѓународен сообраќај.

Американската страна ги нарекува овие операции „одбранбени напади“ насочени кон места за лансирање ракети и бродови кои се обидуваат да постават мини, додека Техеран смета дека Вашингтон брутално го крши веќе кревкото примирје.

Дипломатски хаос и контрадикторни информации

Додека на терен беснеат судири, во медиумскиот простор кружат контрадикторни информации за можен договор. Иранската државна телевизија објави дека е постигната „неофицијална рамка за меморандум“ која предвидува повлекување на американските сили и укинување на поморската блокада на иранските пристаништа.

Сепак, Белата куќа веднаш ги демантираше овие наводи, карактеризирајќи ги иранските тврдења како „целосна измислица“. Новата ескалација ја зголемува неизвесноста на светските берзи на енергенси и го става под знак прашање каков било мировен напредок во блиска иднина.

Македонски