СОМНЕЖ ЗА ЕБОЛА ВО ХОЛАНДИЈА: Изолиран пациент во болница во Нијмеген
Универзитетската болница „Радбауд“ во холандскиот град Нијмеген соопшти дека примила пациент кај кого постои „благ сомнеж“ за инфекција со вирусот ебола. Лицето е сместено во специјализирана изолациска единица, а резултатите од тестирањето се очекуваат во текот на викендот.
Од болницата засега не откриваат повеќе детали за идентитетот на пациентот, ниту за неговото неодамнешно патување или движење.
Случајот се појавува во момент кога Светската здравствена организација ја зголеми проценката за ризик од епидемијата на ебола во Демократска Република Конго од „висок“ на „многу висок“ на национално ниво. Според генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, во земјата има сомнеж за околу 750 заразени и 177 смртни случаи поврзани со вирусот.
Болницата „Радбауд“ и претходно беше во центарот на вниманието, откако на 11 мај 12 здравствени работници беа ставени во карантин по контакт со пациент заразен со хантавирус, евакуиран од крузерот „МВ Хондиус“. Тогаш беше утврдено дека при земање примероци не биле целосно испочитувани сите заштитни протоколи.