ТРАГЕДИЈА НА СКОПСКАТА ОБИКОЛНИЦА: Четири жртви во страотен судир меѓу камион и автомобил, меѓу загинатите и две 20-годишни лица

6

Четири лица го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи доцна синоќа на скопската обиколница. Меѓу жртвите се две 20-годишни момчиња, возач на возраст од 51 година и уште едно лице чиј идентитет во моментов сè уште се утврдува, потврдија од Министерството за внатрешни работи.

Според полицискиот извештај, несреќата се случила околу 23:00 часот на потегот помеѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци. До трагедијата дошло откако камион „ман“ со полуприколка со косовски регистарски ознаки, управуван од 76-годишниот Б.Б., државјанин на Косово, изгубил контрола, ја пробил заштитната метална ограда и преминал во спротивната коловозна лента.

Директен судир и пожар 

Товарното возило директно се судрило со автомобил „бмв“ со скопски таблички, кој во тој момент се движел во својата насока. Силината на ударот предизвикала експлозија, по што двете возила веднаш биле зафатени од голем пламен.

Иако екипите на Бригадата за противпожарна заштита Скопје брзо интервенирале и го изгаснале пожарот, кабината на камионот и патничкиот автомобил биле целосно пеплосани. Лекар од Итната медицинска помош на местото на настанот можел само да констатира смрт кај четворицата патници во автомобилот.

Возачот на камионот лишен од слобода

Жртвите во автомобилот се идентификувани како 51-годишниот возач Р.В. од Скопје и двајцата сопатници А.В. (20) и П.М. (20). Идентитетот на четвртиот патник ќе се утврдува преку обдукција, за што јавен обвинител веќе издаде наредба.

76-годишниот возач на камионот е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на случајот и вештачење на местото на несреќата, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Сообраќајот на овој дел од обиколницата со часови беше во прекин поради вршење на увидот.

Македонски