Правдата на апарати: Запрена истрагата за набавката на мазут во ТЕЦ Неготино – Нема докази за криминал против Капушевски и уште 12 лица

10

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) официјално ја запре истрагата поврзана со милионските набавки на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. По едноиполгодишна истражна постапка, Обвинителството заклучи дека нема докази за сторен криминал против 13-те осомничени лица, меѓу кои е и бизнисменот Ратко Капушевски, сопственик на компанијата „РКМ“.

Осомничените првично се сомничеа за злоупотреба на службената положба, незаконско склучување договори и анекси во време на енергетската криза, како и за перење пари. Сепак, Обвинителството утврдило дека не постојат основи за кривично гонење.

Кризна состојба и законски набавки

Според наодите на ОЈО ГОКК, набавката на мазутот се одвивала строго во услови на прогласена енергетска криза на државно ниво и согласно законските исклучоци (член 23 од Законот за јавни набавки), со единствена цел – да се обезбеди непречено производство на електрична енергија.

„Анализите на финансиските и договорните документи, како и исказите на сведоците и претставниците на ЕСМ и ТЕЦ Неготино, покажаа дека постапките биле транспарентни. ЕСМ ги контактирал сите економски оператори кои поседувале лиценца за трговија со мазут. Дел од нив одбиле да учествуваат поради деловни проценки, страв од пазарните ризици и неможност да обезбедат високи банкарски гаранции“, појаснуваат од Обвинителството.

Нема штета на буџетот, ниту перење пари

Истрагата покажала дека мазутот бил навремено испорачуван, а државата не претрпела финансиска штета. Напротив, од ОЈО ГОКК посочуваат дека производството во ТЕЦ Неготино во тој критичен период овозможило струја по значително пониски цени од оние на слободниот пазар, со што биле избегнати рестрикции за граѓаните.

Сите измени на плановите за јавни набавки и склучените анекси биле уредно одобрени од Управниот и Надзорниот одбор на АД ЕСМ.

Во однос на обвинувањата за перење пари поврзани со купување имот и финансиски трансакции од страна на осомничените, Обвинителството констатирало дека исплатените средства за мазутот биле легални. Оттука, нивното понатамошно користење не може да се квалификува како прикривање на незаконски стекнати пари.

Контекст и право на жалба

Против оваа одлука за запирање на истрагата, оштетеното правно лице има законски рок од осум дена да поднесе приговор до Вишото јавно обвинителство во Скопје.

Инаку, случајот во јавноста се актуелизираше откако во март 2022 година, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави дека компанијата „РКМ“ склучила договори за продажба на 188 илјади тони мазут за ТЕЦ Неготино, во вкупна вредност од 112 милиони евра. По ова, следеше полициска акција во која беше приведен Капушевски и беше отворена обемната, сега веќе затворена истрага.

Македонски