Демолиран партискиот штаб на СДСМ во Јегуновце за Велигден – „Напад врз демократските вредности”

2

На ден Велигден, во селото Јегуновце бил демолиран штабот на СДСМ. Од партијата остро го осудија вандалскиот чин, оценувајќи го како напад врз демократските вредности и соживотот, и повикаа на разум и меѓусебна почит.

Вандализам за време на празникот

Демолирањето на партискиот штаб се случило во текот на ноќта меѓу сабота и недела, на денот кога православните христијани го слават Велигден.

„Овој чин не претставува само напад врз СДСМ, туку и врз основните демократски вредности, различното мислење и соживотот во заедницата”, се вели во реакцијата.

СДСМ: Каква порака се испраќа до граѓаните?

Од партијата јавно прашуваат каква порака се испраќа до јавноста кога вакви дела се случуваат токму на празник на надежта и воскресението.

„Дали ова е општеството во кое сакаме да живееме? Остро го осудуваме овој вандалски чин и повикуваме на разум, смиреност и меѓусебна почит”, порачуваат од СДСМ.

Апел за мир и заедништво

Во реакцијата се нагласува дека Јегуновце мора да остане место на мир и заедништво, а не поле за поделби и омраза.

Инцидентот е веќе пријавен во полиција, а претходно МВР потврди дека се скршени три прозорци на канцеларијата со тврд предмет.

Полицијата презема мерки за расчистување

Непознат сторител во текот на ноќта меѓу 12 и 13 април скршил три прозорци на канцеларија на политичка партија во село Јегуновце. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

Претседателот на општинската организација на политичката партија, С.Ј. (32) од село Вратница, во 13:45 часот го пријавил инцидентот во Полициското одделение Јегуновце.

Според пријавата, непознат сторител со тврд предмет скршил три прозорци на партиската канцеларија лоцирана во село Јегуновце. Настанот се случил во текот на ноќта помеѓу 12 и 13 април.

Полицијата презема мерки за расчистување на случајот и утврдување на идентитетот на сторителот.

Македонски