Велигденско послание на архиепископот Стефан: „Да објавиме на нашиот мајчин македонски јазик – Христос воскресна!”

2

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во велигденското послание повика светлината на Христа воскреснатиот да го озари светот со велигденска радост, а верниците „во братољубие, оттука, па до сите краишта на светот, да објават на мајчиниот македонски јазик: Христос воскресна!”

„Христос воскресна – Навистина воскресна!”

Архиепископот Стефан во посланието нагласува дека велигденскиот поздрав е „поздрав на животот што Бог ни го подари не само преку тајната на Неговото воскресение и преку победата над гревот и смртта, туку и преку радоста на овој настан што ни ја дарува со неизмерливото смирение, со примерот на своето снисходење, простување и пожртвуваност за секој човек и за секое создание.”

Тој потсетува на зборовите на апостолот дека верата „ќе беше празна ако Христос не воскреснеше”, нагласувајќи дека победата на животот над смртта е дарувана не само на христијаните, туку за целото човештво.

Народот отсекогаш живеел со воскресенска надеж

Во посланието, архиепископот се осврна и на историската врзаност на македонскиот народ со велигденската вера:

„Маките и неправдите од овој свет секогаш ги поднесувал утешувајќи се со споменот за Велигден, а во победата Христова ја гледал Божјата правда на Царството небесно.”

Значајни годишнини во 2026 година

Архиепископот потсети на неколку значајни годишнини кои се одбележуваат оваа година:

  • 1.140 години од враќањето на светите Климент и Наум од Моравската мисија во Македонија
  • 1.110 години од блаженото упокојување на свети Климент Охридски
  • 150 години од Разловечкото востание
  • 80 години од донесувањето на првиот Устав на НР Македонија

„Овие незаборавни настани нека ни бидат поттик да го чуваме споменот за нашите достојни претшественици и да ги сочуваме придобивките што ни ги оставиле”, порача архиепископот.

Послание потпишано од целиот Синод

Велигденското послание е потпишано од архиепископот г.г. Стефан заедно со сите членови на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА, вклучувајќи митрополити и епископи од татковината и дијаспората.

Македонски