Велики Петок – денот на Христовите страданија и распнувањето на Голгота
Православните верници денеска го одбележуваат Велики Петок, денот посветен на спомнувањето на крстните страдања и смртта на Спасителот Исус Христос. Настаните започнуваат уште во ноќта, во Гетсиманија, и завршуваат со распнувањето на Голгота.
Христовите страдања започнуваат доцна во ноќта, по полноќ, во Гетсиманија. Токму затоа гетсиманските настани се вбројуваат во Велики Петок.
По апсењето, Христос бил одведен пред првосвештеникот Кајафа, кој кратко Го испрашувал и Го затворил. Утредента бил изведен пред Синедрионот – највисокиот еврејски совет за верски прашања, составен од 70 највидни членови: фарисеи, книжевници и садукеи.
Синедрионот Го осудил за хула – дело за кое казната била смрт. Сепак, во тоа време само римскиот управител имал право да изрече смртна казна, поради што Исус бил упатен кај Понтиј Пилат.
Варнава наместо Христос
Според обичајот за празникот Пасха, еден осуденик можел да биде ослободен по волја на народот. Заблудената и поткупена маса го избрала злосторникот Варнава наместо Синот Човечки.
Додека Христос сведочел за Себе пред судот, светиот апостол Петар три пати се одрекол од Него, а Јуда се обесил – исполнувајќи го последното пророштво.
Распнувањето на Голгота
Исуса Го повеле од затворот и од судот за да Го погубат. Пресудата била извршена на губилиштето близу градот, на мала височинка наречена Голгота.
Велики Петок е ден на длабока тага и молитва, а верниците го поминуваат во пост и размислување за жртвата на Спасителот.