ФОП за новиот закон за високо образование: „Јавните консултации беа фасада на демократијата“
Форумот за образовни промени (ФОП) денеска излезе со остра реакција по повод новиот закон за високо образование. Како што велат од таму, конечната верзија на законот само потврдува дека јавните консултации биле „фасада на демократијата, театар во кој студентите и професорите се статисти“.
Тие обвинуваат дека министерката за образование и наука, Весна Јаневска, со законот постапила онака како што ѝ одговара нејзе без да ги сослуша студентите и професорите.
„Весна Јаневска за изработка на Законот за високо образование патуваше од град во град, организираше состаноци, ги слушаше студентите и професорите и ги трошеше парите на граѓаните. Сето ова, за на крајот, заедно со тајните составувачи на законот, да направи точно она што сакала и планирала од самиот почеток“, се вели во реакцијата на ФОП.
Од Форумот во реакцијата наведуваат повеќе забелешки, меѓу кои и дека Националното студентско тело во кое членуваат сите универзитетски студентски собранија од државните и приватните универзитети нема да биде правно признаено. Според ФОП, причината за тоа е стравот на властите од обединување на студентите.
„Правното признавање на оваа организација би го оневозможило она кон кое овој закој цели, односно фрагментација“, соопштуваат од ФОП.
Оттаму велат дека ниту Советот за етика нема да биде формиран со новиот закон, па така, како што велат, „без независни механизми, плагијаризмот, фалсификувањето и академската злоупотреба ќе продолжат“.
Не бил прифатен ниту предлогот на ФОП да остане одредбата што изречно забранува избор во наставно-научни и соработнички звања на лица кои се роднини по крв во права линија на ист факултет.
Предходно, од ФОП бараа да се укине и х-индекс како мерило за унапредување во звање бидејќи, како што велат тие, „индикатор кој се купува преку системи за манипулација со цитираноста (citation mills), не мери квалитет, туку кој има пари“.
Исто така, од Форумот известуваат и дека нивното барање за директен пренос на седниците на универзитетскот сенат, највисокиот орган во универзитетот кој донесува значајни одлуки, е одбиено.
„Универзитетите се финансираат од парите на граѓаните, но граѓаните немаат право да знаат како се трошат и какви одлуки се донесуваат зад затворени врати“, наведуваат од ФОП.
Од ФОП побараа пратениците да не го изгласаат законот, за кој, како што велат, е изработен според желбите и интересите на од мал број луѓе кои ѝ се непознати на јавноста. Тие повикаа уште еднаш да се разгледаат забелешките кон законот на професорите и Независкиот академски синдикат (НАкС).
Претходно, од Независниот академски синдикат (НАкС) до Министерството за образование и наука беше испратена листа со забелешки за сите три нацрт-закони – за високо образование, за квалитет во високото образование и за научноистражувачка дејност. Оттаму тогаш соопштија дека дел од нивните забелешки биле игнорирани, а законските решенија суштински останале непроменети. Според НАкС, пакетот од трите закони бил загрижувачки и можел да му нанесе штета на високото образование, особено поради, како што посочија, задирањето во универзитетската автономија.
„Во сите три предложени текстови очигледно е нарушувањето на универзитетската автономија, преку одземање на надлежностите на независните тела и нивно префрлање на МОН. Овие законски решенија не овозможуваат доволна независност во финансиското работење и оставаат простор за притисок од власта врз кадровските политики на високообразовните установи (ВОУ)“, велат од НАкС.