Ацо Ристов избран за претседател на РКЕ – опозицијата обвинува за партизација, Левица најавува претставка до Енергетската заедница
Собранието со 68 гласа „за” и 15 „против” го избра Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ и сопственик на хидроцентрали, за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Опозицијата обвинува за партизација на клучната институција која одлучува за цените на струјата и горивата, додека Левица најави дека ќе го оспори изборот пред Енергетската заедница во Виена.
Ристов го наследува Бислимоски кој даде оставка под притисок
Изборот доаѓа откако претходниот претседател Марко Бислимоски поднесе оставка, откако беше подложен на сериозен притисок од власта, вклучително и кривична пријава за наводно несовесно работење.
Собранието на 97-та седница, со 68 гласа „за” и 15 „против”, го избра Ристов за претседател на РКЕ.
Кој е Ацо Ристов
Според приложената биографија, Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно работно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување и инфраструктурни системи. Поседува овластување А за проектирање, надзор и изведба на објекти од прва категорија.
Но токму неговото деловно и политичко минато е во центарот на критиките:
- Поранешен градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ
- Основач на „Алфа инженеринг” – компанија специјализирана за изградба на мали хидроцентрали, фотоволтаици и далноводи
- Сопственик на три мали хидроцентрали, вклучително „МХЦ Козја река” кај Радовиш
- Удел во „Екотера” и „Хидроенерџи Груп” – компании во енергетскиот сектор
- Сопругата Данка Ристова е веќе избрана за член на Судскиот совет
Спасовски посочи дека Ристов ја продал фирмата на Ѕвезда Андонова, неговата сметководителка, која продолжила да му го води сметководството – „рецепт познат” за формално отуѓување на бизнис интереси.
СДСМ: „Партиски кадар со бизнис интереси”
Координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски, обвини дека изборот претставува директна потврда на двојните стандарди на ВМРО-ДПМНЕ.
„Независниот претседател на регулаторната комисија ќе одлучува за регулирање на цената на електричната енергија за граѓаните низ призма како неговите фирми ќе остваруваат профит. Тоа е позицијата која ја нуди ВМРО-ДПМНЕ”, рече Спасовски.
Тој ги цитираше пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Ангелеска и Лидија Петковска, кои во претходниот мандат, кога биле опозиција, инсистирале на строги критериуми за независност на членовите на РКЕ, вклучително забрана за партиски функции и обврска за 10 години искуство во енергетиката.
„Ако тогаш не било добро, вас ве очекувам денеска да гласате против. Ако не, тогаш ова што сте го зборувале можете да го фрлите – зборите без став, без интегритет и без никаква почит кон граѓаните”, рече Спасовски.
Пратеникот Миле Талевски додаде: „Овој избор се случува во време кога граѓаните веќе плаќаат повисоки цени на горивата и високи сметки за енергија. Дали регулаторната комисија ќе работи за граѓаните или за нечии бизнис интереси? Одговорот е очигледен.”
Левица: Претставка до Енергетската заедница во Виена
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, најави конкретен чекор – оспорување на изборот пред меѓународна институција.
„Веќе има загрижување кај Енергетската заедница со седиште во Виена за назначувањето на Ристов. Јас како приватно лице, како граѓанин, ќе го оспорам ова назначување со формална претставка до Енергетската заедница. Ристов ги нарушува критериумите – тој не е независен кадар, тој е директно политички кадар на ДПМНЕ”, рече Мециновиќ.
Тој додаде: „Секој пат кога ќе го видите Ристов на телевизија како ја зголемува цената на струјата, погледнете го во него лицето на Мицкоски, затоа што тој е одговорен за тоа.”
Власта: Ристов ги исполнува условите
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, повика да се зборува со факти и посочи дека Ристов ги исполнува сите законски услови.
„Ристов и тоа како заслужува да биде претседател на РКЕ – има три децении искуство, знаење, докажан е во работењето и има општествен авторитет. Предлагаме лица кои се квалитетни и со соодветно образование”, рече Стојановски.