ДЗР: Населението старее, а пензискиот систем е неодржлив и се храни од буџетот

2

Буџетските трансфери за пензии достигнаа 690 милиони евра во 2024 година, стратегијата за стари лица е истечена пред повеќе од пет години, услугите за долготрајна нега се достапни за помалку од еден отсто од постарите лица, што упатува на сеопфатни системски реформи. Постои ризик од зголемување на социјалната исклученост и дополнително оптоварување на јавните финансии во наредните децении, утврди Државниот завод за ревизија во својот извештај на успешноста на тема „Стареење на населението“.

Ревизијата, која го опфаќа периодот од 2014 до јуни 2024 година, покажува дека иако надлежните институции имаат преземено мерки и активности, не е обезбедена целосна и соодветна грижа за старите лица над 65 години и за управувањето и одржливоста на пензискиот систем во услови на забрзано стареење на населението.

Еден од најголемите ризици е демографската проекција која за нашата држава е негативна, односно предвидува учеството на лицата над 65 години да се искачи на над 34% до 2055 година , бројот на лица над 80 години ќе се зголеми повеќе од шест пати во однос на состојбата во 2024 година, додека работоспособното
население ќе се намали за речиси половина милион лица, што дополнително ќе ги засили притисоците врз јавните финансии. Пензискиот систем се соочува со сериозни предизвици за одржливост, а грижата за старите лица останува недоволно развиена и нефункционална во услови на брзо демографско
стареење. Првиот столб на пензискиот систем кој е организиран на солидарна основа континуирано
работи со негативно финансиско салдо. Расходите за пензии ги надминуваат приходите од придонеси, а разликата се покрива со трансфери од централниот буџет на државата.

„Преземените мерки и активности од надлежните институции не се доволни за одржливост на среден и долг рок, односно не се преземени потребните системски мерки за намалување на брзото демографско стареење на населението и зголемените притисоци врз јавните финансии. Иако пензискиот систем димензиониран во три столба, обезбедува редовна исплата на пензии, неговата фактичка одржливост е нарушена поради неповолните демографски трендови, ниската стапка на придонеси, како и зголемувањата на пензиите кои
не се засновани на раст на платите, вработеноста и придонесите. Иако пензиите се исплаќаат навремено, тоа се постигнува со растечки буџетски трансфери и со одложување на потребните структурни реформи“, стои во извештајот на ДЗР.

Во периодот од 2014 до 2024 година, учеството на буџетските средства во вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се движи помеѓу 32,6% и 43,6%. Во 2024 година трансферите од Централниот буџет достигнуваат околу 690,6 милиони евра. Просечната пензија бележи раст за целиот период, но овој раст се финансира и со буџетските трансфери.

Извештајот на Државниот завод за ревизија открива дека просечната старост на населението е зголемена од 32,3 години во 2000 на 41,8 години во 2024 година . Учеството на лицата над 65 години расте, додека уделот на помладите генерации опаѓа. Главната причина за демографскиот пад не е само нискиот наталитет, туку и емиграцијата на населението. Во последните години се регистрирани драстични намалувања кај децата во прво одделение во однос на родените 6 години претходно бројот на запишани во основно училиште е понизок за 2.774 ученици, а кај матурантите оваа разлика е повисока и изнесува 34,6%, од 22.585
живородени само 14.771 биле матуранти.
Според проекциите на Државниот завод за статистика, уделот на лицата над 65 години ќе се искачи од 19,1% во 2025 на 32,6% во 2050 и 34,2% во 2055 година. Бројот на лица над 80 години ќе се зголеми од околу 22.000 во 2024 на над 144.000 во 2055 година, додека работоспособното население (15–64 години) ќе се намали за приближно 470.000 лица.

„Во отсуството на навремени и ефективни реформи, трансферите од буџетот за првиот пензиски столб би можеле да достигнат 7,4% од БДП во 2057 година што ќе доведе до сериозно оптоварување на Централниот буџет“, стои во извештајот.

ДЗР нотира дека по истекот на Националната стратегија за стари лица во 2020 година, државата веќе седум години нема донесено активен сеопфатен стратешки документ за грижа за лицата над 65 години. Буџетот за социјална заштита од 2019 до 2025 година е зголемен за 68,8%, но растот е главно насочен за исплата на паричните права како што се надоместок за помош и нега од друго лице и социјална пензија. Социјалната пензија опфаќа 13.230 корисници, но износот е двојно помал од минималната пензија и не ја намалува сиромаштијата.

И формалните услуги за стари лица се ограничени, помош и нега во домот добиваат околу 3.000 корисници или помалку од еден отсто од 315.000 лица над 65 години и не е достапна во 31 општина во земјата. Дневните центри имаат капацитет од само 200 лица, а домовите за стари лица располагаат со 2.378 кревети, што во просек е 7 легла на 1.000 жители над 65 години.

Македонски