Несовесни возачи возат по булеварот „Македонија” кој е во фаза на реконструкција
Возачи самоволно ги тргаат заштитните препреки и возат по недовршениот дел од булеварот „Македонија” во близина на „Рампа” во Скопје, кој е во фаза на реконструкција.
Возачи сами ги тргаат препреките
На фотографиите до кои дојде редакцијата на Македонски Радио Портал се гледа како возач се обидува да вози на дел од недовршениот булевар „Македонија” во близина на „Рампа”.
Ова не е изолиран случај – во последниве неколку дена несовесните возачи самоволно ги тргаат препреките поставени на новиот асфалт и продолжуваат со возење по недовршениот дел од улицата.
Нема полициска присутност
Ваквата појава е честа и поради фактот што на овој дел од булеварот нема полициска присутност, која би ги спречила возачите да навлегуваат на градилиштето.
Возењето по недовршена патна површина претставува ризик и за возачите и за работниците на градилиштето, а истовремено може да го оштети новопоставениот асфалт и да го забави процесот на реконструкција.
