Советот на јавни обвинители ја усвои оставката на Ленче Ристоска

6

Советот на јавни обвинители на денешната седница го усвои барањето на обвинителката Ленче Ристоска за престанок на нејзината функција во Основното јавно обвинителство – Скопје. Ристоска си поднесе оставка на 2 април, обвинувајќи за политички притисок од премиерот и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, откако новиот државен јавен обвинител ја отстрани од клучни предмети токму против најголемата владејачка партија.

„Констатирам дека е усвоено барањето”

Претседателот на Советот, Башким Бесими, информираше дека барањето е усвоено без расправа.

„Овде нема расправа, констатирам дека е усвоено барањето за престанок на функцијата на Ленче Ристоска”, рече Бесими на седницата.

Одговарајќи на новинарските прашања за причините, тој рече дека Советот нема да коментира.

„Тоа е нејзина одлука. Ние само констатираме оставка. Согласно законот, секој обвинител има право во секое време да поднесе барање за повлекување, ние само констатираме”, изјави Бесими.

Зошто Ристоска си замина

Ристоска си ја поднесе оставката на 2 април 2026 година, наведувајќи дека повеќе не постојат услови за независно и принципиелно извршување на обвинителската должност. Таа посочи две конкретни одлуки кои ја натерале на овој чекор:

  • Советот на јавни обвинители ја отфрлил нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет и самостојност
  • Државниот јавен обвинител Ненад Савески донел одлука за повлекување на нејзините овластувања за застапување во клучни предмети во завршна фаза – предмети против владејачката ВМРО-ДПМНЕ

„Обвинителство надвор од политички влијанија”

Во соопштението до јавноста, Ристоска оцени дека овие одлуки сериозно ја ослабуваат позицијата на јавното обвинителство и носат конкретни ризици за исходот на предмети кои таргетираат висока корупција и криминал.

„Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција”, рече Ристоска.

„Бидејќи не гледам простор за работа, ниту во перспектива како би можела да делувам во согласност со моите принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител. Искрена благодарност на сите кои ја препознаа и поддржаа мојата посветеност и борба”, заклучи таа.

Македонски