Руски функционер предупредува: Европските пумпи може да останат без гориво од 20 април
Директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции (RDIF), Кирил Дмитриев, предупреди дека европските бензински пумпи би можеле да останат без гориво веќе од 20 април, тврдејќи дека последните пратки енергенси кон ЕУ преку Ормускиот Теснец ќе пристигнат на 11 април.
„Сите треба да ги врзат појасите”
Дмитриев, кој е и специјален претседателски пратеник за економска соработка со странство, изјави дека последните испораки на енергенси кон Европската Унија преку Ормускиот Теснец ќе пристигнат на 11 април, по што снабдувањето би можело драстично да се намали.
Тој повика на претпазливост, порачувајќи дека сите треба „да ги врзат појасите” поради можните турбуленции на пазарот.
Германија веќе во рецесија
Предупредувањето доаѓа во време кога германската економија, најголемата во Европа, веќе се соочува со рецесија, делумно предизвикана од високите трошоци за енергија по прекинот на испораките на руски гас.
Според податоците на федералниот завод за статистика Дестатис, бруто-домашниот производ на Германија се намалил за 0,2 отсто во 2024 година, што претставува втор последователен годишен пад. Сличен пад во две последователни години последен пат бил забележан во периодот 2002–2003 година.
Изјавите во контекст на геополитичките тензии
Предупредувањата на Дмитриев треба да се читаат и во контекст на руските интереси – Москва редовно ги користи енергетските прашања како инструмент за притисок врз Европа. Сепак, неизвесноста на енергетските пазари е реална, поттикната од продолжениот конфликт на Блискиот Исток и практичното затворање на Ормускиот Теснец.