Од 1 септември скопјани ќе патуваат со градски воз од Зелениково до Транспортниот центар

0

На 1 септември годинава се очекува првата линија од проектот „Градски воз“ во Скопје да биде пуштена во употреба, која ќе транзитира од Зелениково до Транспортниот центар. Надлежните информираат дека градежните работи треба да завршат до мај или јуни, по што во текот на летниот период ќе следуваат тестирања на системот.

Министерот за транспорт Александар Николоски соопшти дека реализацијата на првата линија се одвива според планираната динамика и дека досега се завршени околу 65 проценти од работите. Тој посочи дека трасата ќе ги поврзува Зелениково со повеќе скопски населби, меѓу кои Драчево, Ново Лисиче и Аеродром.

Во меѓувреме, се подготвува и тендер за изградба на преостанатите две линии. Според најавите, тие ќе бидат опфатени со една заедничка постапка, со што се очекува да се забрза реализацијата на проектот. Надлежните проценуваат дека со тоа целокупниот систем на „Градски воз“ би можел да биде ставен во функција до крајот на 2027 година.

Паралелно со изградбата се врши и модернизација на железничката инфраструктура. Директорот на ЈП Железничка инфраструктура, Синиша Ивановски, информира дека старите дрвени прагови се заменуваат со бетонски, што ќе овозможи зголемување на брзината на возење до 80–90 километри на час, наместо сегашните 20–30.

Според најавите, „Градскиот воз“ треба да сообраќа на секој час, а возниот ред ќе биде усогласен со автобускиот превоз на ЈСП за полесно преседнување на патниците. Цената на билетот сè уште не е утврдена, но се најавува дека ќе биде прилагодена на стандардот на граѓаните.

Македонски